Шипжак: Во Барса сите ми се драги, но на теренот нема емоции!

Во сабота се игра големото дерби на групата А од Лигата на шампионите во кое Барселона е домаќин на ПСЖ. Натпреварот се очекува да биде вистински спектакл, а исто така и специјален натпревар за пикерот на ПСЖ, Камил Шипжак кој после четири години ја напушти Барселона да се пресели во шампионот на Франција.

Шипжак во изјавата во пресрет на натпреварот со поранешниот клуб отворено зборуваше за неговите впечатоци и проблеми со адаптацијата во новиот клуб.

„Мислам дека овој трансфер беше потежок лично за мене отколку за клубовите. Не се вклопив во системот на игра. Навистина го ценам тоа што тренерот Раул Гонзалез поминува многу време со мене објаснувајќи ми многу детали. Во некои аспекти треба да ја поправам мојата игра и се трудам да го направам тоа колку што можам побрзо. Има уште многу натпревари до крајот на сезоната каде што секој ќе ја добие својата шанса да се докаже. Секој од нашите пикери има свои предности во завистност од противникот“, изјави Шипжак.

Полјакот исто така имаше и свој коментар за очекувањата од дуелот со својот поранешен клуб.

„Што се однесува на претстојниот дуел со Барселона, во овој клуб доживеав многу добри моменти. Но за време на натпреварот ќе играм како да не познавам никој од тимот. Секако пред и по натрпеварот ќе разговарам со момците, сите ми се драги, но кога сте на терен овие емиоции треба да ги оставите на страна. Во Барселона се изградив како играч, успеав многу да научам за играта особено за таканаречениот „шпански стил“ на ракомет“, заврши Шипжак.

Натпреварот меѓу Барселона и ПСЖ се игра утре во „Блауграна“ со почеток во 20:00 часот.