Шиклевски одигра за „десетка“, Преспа со полн плен се враќа од Гевгелија

Ракометарите на Преспа остварија победа на гостувањето кај Партизан Гевгелија со 22-25, во натпревар од 4. коло во плеј-аут разигрувањето во Првата лига.

Домашните водеа на стартот до 3-2, а по 5-5, гостите со серија од четири погодоци стигнаа до плус четири 5-9. До крајот на полувремето беше 9-14.

Во вториот дел немаше поголема неизвесност, иако домашните еднаш стигнаа до минус два, но Преспа рутински успеваше да ја одржи стекнатата предност за конечен триумф со три погодоци, 22-25.

Најдобри стрелци кај ресенци беа Филип Шиклевски со десет и Дејан Камчев со пет погодоци, додека кај гевгеличани се истакнаа Димитар Узунчев и Ѓорѓе Банцалиски со по пет гола.