Шешиќ: Охрид е одлично организиран клуб, а Македонците се луди за ракомет!

Десниот бек Деан Шешиќ, кој имаше одлични партии минатата сезона и наредната сезона ќе ги брани боите на тимот на Охрид.

Босанскиот интернационалец во интервју за „Глас Српске“, вели дека клубот е одлично организиран.

„Одлично сум примен во клубот. Тука беше и Владимир Бојаниќ, со кој играв во Словенија, а сега ќе дојде и Берин Бркиќ. Градот е преубав, клубот е одлично организиран, а атмосферата во тимот е сјајна“, вели Шешиќ.

Охрид иако беше во борба за место во Европа до финишот на сезоната, сепак на крајот заврши на шестото место. Сега тимот ќе претрпи измени, а најголемата промена се случи на клупата со ангажманот на Стевче Алушовски.

„Во клубот сериозно сметаат на мене, уште есеноска го продолживме договорот на обострано задоволство. Новиот тренер Алушовски сериозно смета на мене и тоа ми е само мотив уште подобро да се спремам за новата сезона во која целта ќе ни биде место во Европа“, вели Шешиќ.

Тој смета дека македонската лига е многу квалитетна.

„Македонската лига е одлична, многу квалитетна, а ракометот во оваа земја е во експанзија. Клубовите доста вложуваат, имаат многу таленти. Она што посебно ме импресионира е публиката. Натпреварите се одлично посетени. Ние скоро цела сезона имавме полна сала и во просек по 2.500 навивачи. Посебно е изразен локалниот ривалитет, па внимание привлекуваат дуелите меѓу Охрид и Струга. Оваа сезона имаше одличен ракомет, а на крајот Еурофарм Пелистер ја прекина доминацијата на Вардар“, заврши Шешиќ.

Босанскиот десен бек кон средината на јули ќе ги почне подготовките со Охрид, а неговиот клуб ќе биде домаќин на силен турнир кон крајот на август.