Шведска убедлива против Аргентина, „извади“ билет за Токио

Во квалификациите за настап на Летните Олимписки игри во Токио, Шведска дојде до лесна победа против Аргентина со резултат 34:21 од првата квалификациска група. По ремито со Шпанија и денешната победа над Аргентина, Швеѓанките го обезбедија местото во Токио.

Уште пред почетокот беше јасно дека Аргентина нема шанси против силната Шведска. Ситуацијата на теренот не донесе никакви изненадувања. Шведска уште од самиот почеток имаше контрола на резултатот па така нивниот селектор, Томас Ахнер одлучи шанса да им даде на ракометарките со помала минутажа.

На полувреме резултатот беше 17:8 за Шведска, а во вториот дел составот на Аргентина постигна задоволителни 13 гола. Во репрезентацијата на Шведска најефикасна беше Ана Лагерквист со седум гола од исто толку обиди. Во Аргентина најефикасна беше Мануела Пизо со пет гола.

Шведска успешно ги заврши квалификациите и заслужено оди на Летните Олимписки игри во Токио. Аргентина во својот последен натпревар оди на мегдан против Шпанија. Натпреварот е закажан за в недела со почеток од 18:30 часот.