Шведска во проблеми пред СП

Еден од поискусните ракометари во репрезентацијата на Шведска, Оскар Бергендал, кој во оваа сезона пристигна во редовите на Штутгарт како замена за македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски, е неизвесен за настап на Светското првенство во јануари.

Кружниот напаѓач во натпревар од 8. коло од Бундес лигата, против тимот на Вестфален, заработи повреда да лигаментите на коленото и ќе паузира од шест до осум недели.

Од раководството на Штутгарт се надеваат дека ракометарот од Шведска ќе го имаат на располагање за натпреварите во декември. Штутгарт во последниот месец од годината ќе игра против Минден, Хановер, Хамбург и Ерланген и ќе мора да победи на четирите дуели доколку сака подобар пласман во Бундес лигата.

Дали Бергендал ќе настапи на Светското првенство во јануари, најмногу ќе зависи како ќе помине неговата рехабилитација. Бергендал беше еден од најзаслужните за освоениот златен медал на Шведска на Европското првенство во Унгарија и Словачка и на континенталниот собир беше прогласен за најдобар дефанзивец.

Шведска заедно со Полска во периодот од 12 до 29 јануари ќе бидат домаќините на Мундијалот. Швеѓаните ќе играат во група со Бразил, Уругвај и Зеленортските Острови.