Швајцарија не отпатува за Данска, под прашалник и дуелот со Македонија

Репрезентацијата на Швајцарија која требаше да патува за Данска, остана во Шафхаузен и уште се наоѓа во ова место во очекување на резултатите на новиот тест на Ковид 19 направен денеска.

Ракометарите во неделата биле тестирани и сите резултати биле негативни. Меѓутоа во тимот на Винтертур имало позитивно лице на Ковид 19 (неофицијално се работи за тренерот на овој тим) со кое дел од играчите имале директен контакт. Оттаму веднаш се реагирало и бил направен нов тест и сега се чекаат резултатите.

Информациите говорат дека резултатите од новиот тест ќе бидат добиени најрано во текот на утрешниот ден, а тоа е премногу доцна за ракометарите да можат да отпатуваат на натпреварот кој требаше да се игра утре.

Играчите сега се во уште построг карантин и никој повеќе не смее да излезе од комплексот на BBC Арената каде што е задолжително да се почитува протоколот.

Инаку, за дуелот Данска-Швајцарија одлуката ќе биде на ЕХФ. Дали ќе го одложи натпреварот или ќе го додели службено останува да се види.

Исто така до утре останува неивесен и натпреварот меѓу Швајцарија-Македонија бидејќи доколку швајцарските репрезентативци се негативни ќе нема проблеми, но доколку има позитивни и се во поголем број нема да биде чудно доколку дојде до одлагање на натпреварот. Сепак, ќе мора да се почека до утре, па да се дознае што и како ќе се случи прво со натпреварот Данска-Швајцарија, а потоа и двобојот меѓу Швајцарија-Македонија закажан за во сабота.