Шампион пружи отпор, но бодовите останаа во Гостивар

Екипата, која во минатата сезона играше во плеј-оф фазата во Првата лига, Јехона оствари важен триумф против незгодниот состав на Шампион со 29:27 во рамки од 5. коло од прволигашката конкуренција. За екипата на Јехона остварената победа против Шампион беше втора во новата натпреварувачка сезона.

Ракометарите на Јехона одиграа одлично во првите 30 минути. Шампион имаше добар старт и водство од 4:2 во 5 минута. Домаќините со серија од 5:0 поведоа со 7:5 во 15 минута и до крајот на првиот дел имаа целосна доминација на теренот.

Јехона на десетина минути пред крајот на првото полувреме дојде до највисоките плус четири гола разлика, 9:5 и водството од четири гола разлика даваше надежи за позитивен епилог. Домашниот состав лесно доаѓаше во позиција за гол и преку разиграните Николоски, Салиу и Тасески стигна до водство од 17:10 на полувреме.

Шампион во вториот дел успеа да се врати во игра и да се надева дека ќе може да ги освои бодовите од Гостивар. Избраниците на Чивлачки за само пет минути ја преполовија негативата и во 35 минута заостануваа на минус два гола разлика, 18:16.

Домашните, сепак, излегоа од кризата и со ефикасна реализација стигнаа до 25:21 во 45 минута. Овие пет гола разлика не беа доволни за сигурна победа бидејќи Шампион повторно се врати во игра и во 50 минута намали на 25:24.

Последните десет минути минаа во егал и само нијанси одлучуваа кој ќе ја добие битката. На осум минути пред крајот црвен картон поради три исклучувања заработи ракометарот на Јехона, Адис Салиу. Шампион во неколку наврати не успеа да дојде до израмнување и им дозволи на домаќините да дојдат со посакуваната цел.

Најефикасни во победничката екипа беа Мојсие Тасески со седум и Михајло Живкоски со шест гола. Во поразениот табор се истакнаа Бобан Дебрешлиоски со осум и Стефан Огненовски со шест гола.