Шампион останува во борба за врвот, славеше над Вардар Неготино

Екипите на Шампион и Вардар Неготино денес ги одмерија силите во рамките од 6. коло од плеј-оф натпреварувањата во Првата лига. На победа се радуваа ракометарите на Шампион кои триумфираа против составот од Неготино со резултат 25:22.

Во текот на првото полувреме, Шампион константно беше во водство и успешно го контролираше натпреварот до паузата. Неготинци имаа едно израмнување, при резултат 4:4 во 11.минута преку Пеовски, а домашната екипа на полувреме замина со предност од 13:10. Од постигнатите голови на Шампион, седум гола беа постигнати од пенал преку Есад Дрпљанин.

Вардар Неготино со серија од два гола стигна до гол негатива во вториот дел, 13:12. Шампион ги имаше расположените, Миланов и Даев кој со своите голови го одржуваа водството на својата екипа. Во последните осум минути од натпреварот, Вардар Неготино се врати во игра и го намали резултатот на 23:22. Марковски со својот прв гол го врати посакуваното водство на домаќинот, 24:22, на две минути до крајот, а последниот гол беше дело на Даев кој ги постави конечните три разлика за Шампион.

Најефикасен во победничката екипа беше Есад Дрпљанин со 11 гола. Во таборот на Вардар Неготино, Петре Пеовски беше најефикасен со пет гола.