Шампион не дава бодови дома, убедлив против Јехона

Во плеј-оф групата во првата лига, Шампион, триумфираше против Јехона на свој терен со 40:27.

Избраниците на Слободан Чивлачки одлично го отворија натпреварот и со тројца различни стрелци на голови имаа предност од 3:0 во првите минути. Гостинските ракометари преку Тасески се вратија во игра и го израмнија резултатот на 7:7 во текот на првата половина од првиот дел. Рамноправната борба продолжи и во следните неколку минути, а првото полувреме заврши со предност од 17:14 за Шампион.

Во вториот дел, Шампион, рутински го одржуваше водството од три до четири голови разлика. Почетокот на второто полувреме донесе далеку подобра игра на домашните кои брзо успеаја да стигнат до високи плус осум, 26:18. Јехона немаше доволно сили за да следи и тука како да го загуби овој дуел, кој финишираше со резултат од 40:27.

Најефикасен во Шампион беше Марио Миланов со девет голови. Во поразената екипа се истакна, Мојсие Тасески со 13 голови, недоволно за поволен резултат.

Шампион во следното коло ќе гостува во Драчево, а екипата на Јехона на свој терен силите ќе ги одмери со Металург РА во натпревар за освојување на првите бодови во продолжението.