Шампионот со херојски пресврт до бодови: Ѓорче Петров го реши Металург во дербито!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров ја оствари третата победа во третиот натпревар од Женската лига, откако во дербито славеше против Металург со 27-24. Иако гостинките во вториот дел беа доминантни, сепак попуштија во финишот и му дозволија на Ѓорче Петров да направи пресврт.

По водството на избраничките на Симе Симовски од 5-4, тимот од Автокоманда имаше неколку нереализирани напади. Кицеска бранеше одлично на голот на Ѓорче Петров, а нејзините колешки погодуваа лесно во контранапади и за кратко беше 10-4.

Гостинките не се откажуваа од борба на овој натпревар. Ѓорче Петров се опушти, па следуваше казна. Металург ја стегна одбраната, ги реализираше своите напади и за седум минути стигна до реми, 10-10. Сепак на пауза домашниот тим имаше предност.  Прво Николовска реализираше за 11-10, а потоа Николиќ погоди на празен гол за 12-10 на паузата.

Во вториот дел доминираа гостинките, кои не само што направија пресврт, туку имаа и плус четири гола предност. Беше 18-14 за избраничките на Јулијана Дамчевска, а потоа и 21-17. Тогаш Ѓорче Петров најпрво со три гола во серија намали на 22-21.

Потоа по 23-21, следуваше серија на шампионот за плус два 25-23. Металург веќе не беше така убоит во нападот, но Трајковиќ погоди за драма во финишот со голот за 25-24. Сепак следната акција ја релизираа домашните, а Николиќ стави точка на мечот со голот од пенал по истекот на времето за 27-24 и три бода.

Најдобри стрелци кај победникот беа Катерина Дамјановска и Ана Марија Коларовска со по пет гола, додека четири пати во листата на стрелци се запиша Теодора Дукоска. Во составот на Металург се истакнаа Ива Божиноска со седум, како и Ивана Арсениевска и Мила Трајковиќ со по пет гола.