Чупиќ: Ни требаат играчи што ќе ни помогнат од клупата

Вардар загуби на гостувањето кај ПИК Сегед со 34-33 во натпреварот од Лигата на шампионите.

За играч на мечот, во мечот на неделата беше прогласен Иван Чупиќ, кој вели дека и покрај сите напори, одличната игра во финишот не беше наградена барем со бод.

„Ние го загубивме мечот, па сеедно е кој е играч на мечот. Игравме добро, но на крајот ПИК Сегед славеше заслужено. Ние се подготвувавме за 5-1 и 6-0, во првиот дел ги направивме нетрпеливи, ја користевме секоја нивна грешка и постигнавме лесни голови. Имавме добар голман и заслужено водевме, но во вториот дел заиграа подобро во одбрана, ние направивме неколку грешки. Се обидовме да се вратиме но тоа не беше доволно“, вели Чупиќ.

Хрватското крило што принудно игра како бек, вели дека на Вардар му требаат играчи од клупата што ќе можат да помогнат.

„Ние се натпреваруваме со добри тимови, големи тимови со поголем буџет од нашиот тим. Играме добро на последните два меча, но со парите доаѓа квалитетот, а тогаш би имале и подолга клупа. Ни требаат неколку играчи да ни помогнат од клупата. Ние во моментов ги немаме нив, а Сегед, Париз, Келце…ги имаат. Но се бориме и ќе се обидеме да освоиме бодови на некој од следните мечеви“, заврши Чупиќ.

Следна обврска за Вардар ќе биде двомечот со Елверум и натпреварите што ќе се играат во Скопје на 21 и 24 февруари.