Чупиќ: Имаме добри шанси против Загреб, одиме во финале

Еден од ракометарите кои од петок до недела ќе играат на Ф4 како на домашен терен, интернационалецот од Хрватска во редовите на Вардар, Иван Чупиќ очекува ова да биде интересен завршен турнир во регионалното натпреварување.

Според Чупиќ секој Ф4 турнир е тежок и на него нијанси одлучуваат кој ќе успее да ја освои титулата.

„Ф4 турнирот без разлика на кое натпреварување се однесува е секогаш тежок. Како и секогаш има некои калкулации, но според мене сите имаме по 25 проценти шанси за титулата. Секој си ги знае своите мани и добри страни. Се работи за еден натпревар, за полуфинале. Секогаш е тешко, а после корона и после сè е многу тешкода се игра и да се влезе во форма. Веројатно нема да гледаме некој убав ракомет, но сигурно ќе биде интересно и тензично“, коментираше Чупиќ пред заминување за Хрватска.

Очекува ова да бидат средби кои ќе бидат одлучени со еден шут или една одбрана така што сигурно ќе биде возбудливо и интересно од првата до последната минута.

„Двете полуфиналиња ќе бидат одлучени можеби со една одбрана на голманот или една топка односно погоден или промашен зицер. Мислам дека така е секогаш на големите натпреварувања како Ф4, полуфиналињата и финалињата. Иако сме нова екипа верувам во нашата екипа. Со секој нов натпревар одиме кон подобро. Последната недела одработивме добро и подготвени сме за Загреб и за нивната 5-1 и 6-0 зона“.

За противникот вели дека ќе се обиде да го покаже најдоброто и дека нема да биде воопшто лесно така што е јасно дека следува уште еден интересен и неизвесен дуел против Загреб.

„Загреб е млада екипа со квалитет и исто како и ние сака да игра финале. Знаеме каде е најголемата опасност и знаеме дека во моментов нашиот најголем хендикеп е игра во нападот 6-6, но покажавме дека можеме да одиграме квалитетно во одбраната и противникот да го симнеме на 24-25 гола. Сепак, се мачиме во нападот и како да стигнеме до 28, 29 или 30 гола. Нашата шанса постои во тоа дека имаме многу простор за напредок во нападот и тоа ќе го покажеме во петок. Со добра игра во нападот, добра организација и добра форма имаме добри шанси и одиме во финале“, изјави Чупиќ, кој во последните неколку сезони учествуваше во сите успеси на Вардар.

Тој е еден од милениците на „црвено-црните“, па од него секогаш се очекува одлична игра и многу голови. Во новата сезона со Георгиевски, но и Јагуриновски ќе бидат одлична тројка на позицијата десно крило.