ЧСМ Букурешт на шопинг во ЦСКА Москва

Екипата на ЧСМ Букурешт од Романија продолжува во создавањето на тимот за следната сезона, во која ќе атакува на пласман на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, бидејќи извесно е дека клубот преку вајлд-карта ќе добие учество во елитното клупско натпреварување.

Раководството на поранешниот европски шампион во своите редови посакува да го донесе десниот бек на руската репрезентација, Валерија Маслова, пренесува романскиот портал „ГСП“, кој истакнува дека платата на Маслова во ЧСМ Букурешт би била околу 8.000 евра.

Интерес за Маслова покажале и од Глорија Бистрица, но поради тоа што амбициозниот клуб не се пласираше на европска сцена, младата ракометарка од Русија не ја прифатила нивната понуда.

Маслова во пролетниот дел од минатата сезона настапуваше за екипата на ЦСКА Москва, откако одлучи да го напушти тимот на Будуќност. Во текот на 2019 година пристигна во црногорскиот шампион од Ростов Дон. Минатата сезона беше стрелец на 47 погодоци во Лигата на шампионите.

ЧСМ Букурешт за следната сезона ги ангажираше Евелина Ериксон од Вајперс Кристијансад, Марија Судакова од ЦСКА Москва, репрезентативките на Франција, Грас Заади и Калидиату Ниакате, кои во ЧСМ Букурешт ќе пристигнат од Мец, односно Брест Бретањ и кружниот напаѓач од Ѓер, Крина Пинтеа. Клубот е во преговори со уште неколку звучни имиња.