Чирковиќ собира балканци во Констанца – доаѓа некогашен ракометар на Металург

Поранешниот ракометар на Металург, Марко Бувиниќ во следната сезона ќе настапува во романскиот шампионат. Хрватот ќе биде најново засилување во екипата на Констанца.

Бувиниќ со романската екипа потпиша договор на една сезона и се очекува да биде вистинско освежување на позицијата десен бек.

Во Металург, Бувиниќ играше две сезони, 2014/2015 и 2015/2016. Во својата кариера освен за Нексе и Металург, настапуваше и за екипите на Пореч, Умаг и Брегенц.

Освен Бувиниќ, во Констанца ќе пристигне и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Марин Вегар. Моментално, тренер на екипата е поранешниот предводник на Еурофарм Работник, Ѓорѓе Чирковиќ.