Чивлачки за 24 Ракомет: Можеби сум „ситна риба“, но ваков притисок никој не може да издржи

Екипата на Шампион која до последниот натпревар во плеј-офот беше лидер во Првата машка лига не успеа да се пласира во Супер лигата откако загуби од Скопје со 26:30.

Разочарувањето е големо, а тренерот на тимот, Слободан Чивлачки имаше свое видување на работите. Сепак, пред да каже за натпреварот коментираше за трагичниот настан кој го потресе ракометниот свет денеска.

„Сочуство за семејството на Марко Божиновски. Моите играчи беа многу блиски со него. Тоа беше златно дете, кое беше добро со сите.Треба да се обрне многу внимание на сè за да не се повторува со нашите млади ракометари“, рече на почетокот на коментарот после средбата тренерот на Шампион, Слободан Чивлачки.

Во однос на она што се случува на натпреварот имаше свое видување во кое постави и многу прашања.

„Јас работам како тренер 20 години и не можам да речам дека не можам да сфатам зошто се случуваат вакви работи. Во оваа сала изгубив 3-4 натпревари кои решаваа за титула, за пласман во Супер лигата. Можеби е само до мене. Можеби не е до Огњановски, тој си ја знае работата. Можеби не е до судиите, тие си ја знаат работата, искусни се. Судат многу натпревари. Можеби не е до никого, само до мене. Можеби како што викаат овие денови сум ситна риба и никогаш не сум се наметнувал, но имам 51 година и ми се гади од спортот. Можеби не знам и не сум добар, но со 200.000 денари за две екипи, да се стигне до финале и да се загуби веројатно не чинам јас. Како тренер, работник во оваа држава, најверојатно јас не чинам. Најверојатно не знам како треба, а сите други знаат“.

Своето излагање го продолжи и со сето она што се случувало како вовед за овој натпревар во кој имало притисок кон неговите ракометари.

„Јас сум еден од спортистите кои се борат за спорт, за ракомет во Македонија како ретко што ги има. Познато е колку имав притисок во текот на оваа сезона од моите најдобри пријатели, моите најдобри со кои заедно работевме како тренери. Им се јавуваа на децата да изгубиме. Им се јавуваа да не играат бидејќи ние сме мали затоа што ние не сме имале пари да влеземе во Супер лига каде што било скапо. Не го оспорувам пласманот на Скопје. Изиграа феноменален натпревар, Можеби бевме послаби, но можеби и јас не сум во ред. Меѓутоа толку голем притисок не можеше никој да истрпи. Сите овие играчи се златни играчи, но сите пропаѓаат долги години како што пропаѓаат играчите од генерацијата на Вардар. Сè уште се борат за да излезат нагоре, но некој спортист некогаш треба да добие сатисфакција за да отиде напред. Во моментот кога мојот ракометар Давид Олтовски седна овде рече, три финалиња загубив тука на исти начин. Не знам зошто се прави овде. Не го оспорувам ова што го направија бидејќи и тие тренираа исто како и ние. Имавме притисок и од нив бидејќи трениравме двапати неделно по саат време бидејќи нивна била салата. Не знам чија е салата во Капиштец. Трениравме можеби пола час и ни затвораа врата бидејќи така морало да биде. Дојдовме до последниот натпревар. Истрпевме ќотек во Неготино, истрпевме ќотек со Драчево. Момците се тие што се и дојдоа до ниво да се борат за Супер лига. Не сакам да кажам тежок збор… Сепак, ќе се воздржам и нема да го кажам“, рече Чивлачки во изјавата за 24 Ракомет.

Тој и неговите момци ќе имаат уште една тешка средба и уште еден обид да дојдат до Супер лигата. Ќе направат сè што можат за да го изненадат Радовиш во баражот иако ќе биде навистина тешко.