Четири земји добија место плус во Лигата на Европа и во Европскиот куп

Додека Европската ракометна федерација се обидува да најде начин како да ја заврши на терен Лигата на шампионите другите два купа и во двете конкуренции се финиширани и годинава нема да имаат свои освојувачи. Според тоа нема да има нови шампиони во Купот на ЕХФ и во Челенџ купот во нивните последни сезони со овие имиња.

Од ЕХФ најавија дека успеале да пронајдат модул по кој ќе се даде шанса да има тим кој ќе влезе во куповите дополнително на местото на составот кој требаше да биде таму како бранител на трофејот.

Според донесената одлука местото ќе биде дадено на најдобро рангираните земји во куповите. Оттаму во Лигата на Европа во машка конкуренција местото плус оди за Германија која имаше највисок рејтинг во Купот на ЕХФ. Кај дамите ова место ќе биде за тимот од Данска.

Новиот Европски куп кој е наследник на Челенџ купот има други земји кои добиваат место повеќе за учество. Кај мажите тоа е Романија, додека кај жените Шпанија. Останува да се види дали ќе постои и расположение кај тимовите да ги искористат овие места бидејќи има најави за непријавување во европските купови на добар дел од екипите кои имаат обезбедено место.