Четврта радост за Македонија Ѓорче Петров

Екипата на Македонија ЃП на гостувањето во Штип дојде до четвртата победа во новата натпреварувачка сезона од Првата лига, откако триумфираше против незгодниот состав на Текстилец со 33:27 во натпревар од 7. коло од групата А.

По израмнетиот почеток во воведниот дел, гостите од Ѓорче Петров бргу дојдоа до предност од четири гола разлика, односно водство од 6:2. Овие четири гола предност на ракометарите на Димитриоски преовладуваа во останатиот дел од првите 30 минути. Текстилец продолжи со проблемите во организацијата на нападот и никако не можеше да се врати во игра.

При финишот од првиот дел, домаќините успеаја да намалат дел од негативата. Иако во редовите на Македонија ЃП дојде до мал пад и опуштање, гостинските ракометари не дозволија домаќинот да направи пресврт и на пауза заминаа со активен резултат од 16:14.

И вториот дел мина во знакот на гостите. Домашниот тим во неколку наврати беше блиску за да направи камбек, но секогаш кога требаше да дојде до израмнување на резултатот не можеше да го пронајде патот до мрежата на гостите. Во последниот дел Македонија ЃП имаше предност од 28:23 и во финишот рутински ја одработи задачата за четврта радост сезонава.

Во следното, осмо коло, Македонија ЃП на свој терен ќе ја пречека Јехона, додека Текстилец ќе гостува во Скопје кај Мулти Есенс.