Червар пак обвинува: Македонските судии ни го украдоа златото!

Европската ракометна јавност, како и многу стручни лица од ЕХФ, оддадоа признание за одличната арбитража на македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов во финалето на ЕП, сепак хрватскиот селектор Лино Червар е упорен во тврдењето дека се ограбени во десетина ситуации.

Во хрватските медиуми тој ги посочува арбитрите за главни виновници за поразот од Шпанија.

„Неколку дена по финалето ми се јавија поранешни судии, едни од најпознатите судиски двојки во историјат. За нив нема никакви дилеми. Ми рекоа: Лино, па вие сте украдени во финалето. Читавме како сите ги фалат Николов и Начевски за судењето. Па вие сте оштетени во десет ситуации против Шпанија. Украдено ви е златото. Затоа, моите играчи се херои. Ние сме морални победници. За жал, не е тоа прво финалето во кое сме биле оштетени. Жал ми за играчите. Имаше многу солзи во соблекувалната“, вели Червар.

Хрватска ја чекаат квалификации за ЛОИ во Токио…

„Не се плашам од противниците, но страв ми е, по едно вакво судење во финалето на ЕП, судиите повторно да не не оштетат во квалификациите за олимписките игри. Па, поради нив да не го видиме Токио“, вели Червар.

Поранешниот македонски селектор, повторно се наврати на тоа колку направил за македонскиот ракомет.

„Во Македонија добивав најголеми државни признанија. Македонците ми дадоа и државјанство како благодарност за што направив за нивниот ракомет, но ете сега ме оштетија во финалето. Ракометот е мојот живот и сакам да останам во него, но сакам да работам по своја визија“, завршува Червар.