Чаневски: Рајн Некар е прв фаворит, но ние имаме сили за осминафинале!

Тимот на Еурофарм Пелистер ги дозна ривалите во групната фаза од Лигата на Европа. Битолчани ќе играат во групата Д заедно со унгарската Татабања, швајцарскиот Кадетен, словенечкиот Тримо, данскиот ГОГ Гудме и германскиот Рајн Некар.

Капитенот на „фармацевтите“, Градимир Чаневски, верува дека неговиот тим ќе се бори за место во осминафиналето.

„Ждрепката е коректна, задоволен сум иако можеше да добиеме и полесни противници, ама од друга страна можеше да ни паднат и посилни. Сите екипи се квалитетни. Рајн Некар се издвојува како прв фаворит, а сите останатите меѓу кои и ние, ќе се борат за преостанатите три места кои носат виза за осминафинале. Позната ни е Татабања, игравме со нив, иако променија доста играчи. Останатите екипи ќе ги гледаме и ќе ги анализираме. Наша првична цел е пласман во вториот круг и ќе се обидеме да ја реализираме“, вели Чаневски за 24Ракомет.

Првиот дуел Еурофарм Пелистер ќе го игра дома против Татабања на 20 октомври, додека битолчани претходно ќе стартуваат во регионалната СЕХА лига на 10 октомври.

Рајн Некар доаѓа во Битола, Металург против Адемар Леон и Висла Плоцк!

Металург тргнува на гости кај Тулуз, „фармацевтите“ дома против Татабања