Чакалиќ побрз од сирената за голем бод за Скопје 2020

Екипите на Скопје и Драчево одиграа одличен натпревар во 2. коло од Првата машка лига, а средбата финишираше со 32:32 откако Бојан Чакалиќ погоди пред звукот на сирената.

Од почетокот на натпреварот гостите беа далеку подобриот ривал на теренот. Драчево влезе многу подобро и брзо успеа да направи предност. После 1:1 стигна до 4:1. Откако домашните реализираа вторпат следуваше 5:0 за драчевци и високи 9:2 што носеше мирно продолжение од натпреварот.

Како што одминуваше времето така стануваше јасно дека ракометарите на Скопје 2020 ќе има шпто да покажат односно дека ќе го направат интересен овој дуел.

Тргнаа посилно во продолжението и како одминуваше времето така предноста се топеше. Падна интензитетот на играта што резултираше со 13:16 на полувреме.

Во вториот дел од средбата составот на Драчево одново успеа да зголеми и да дојде до плус шест, 23:17. Одново кога се очекуваше лесно да го реши овој дуел дојде до пад во ритамот и домашните стигнаа до 24:24.

Следуваше возбудлива завршница во која решаваше една топка. Како одминуваше времето така стануваше јасно дека сè ќе се решава во последните моменти од средбата. Драчево имаше 32:30, во 58. минута, но немаше голови до крајот. Прво Грујовски, а потоа Чакалиќ во последната секунда ги поставија конечните 32:32.

Имаше големи реакции за последниот погодок, но судии на овој натпревар беа Ѓорѓи Начевски и Славе Николов за кои немаше дилеми дека голот беше постигнат пред сирената, па двете екипи мораа да се задоволат со бод. Домашните задоволни бидејќи двапати беа во голем минус и се вратија, а гостите можат само да жалат за она што го испуштија денеска.

СКОПЈЕ 2020 – ДРАЧЕВО              32.32 (13:16)

Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Лери Мирчески.

СКОПЈЕ 2020: Стојкоски, Михајловски, Трајчевски, Чакалиќ 4, Киселовски 6, Пешевски, Мелоски 5, Грујовски 7, Блажевски, Димчевски, Србиновски, Мирчевски, Мишевски 5, Димитријевски 1, Благопетров 4, Трифуновски.

Седмерци: 6/10, Исклучувања: 14 мин.

ДРАЧЕВО: Павловски, Ангеловски, Пејковски, Соколовски, Атанасовски, Петковски, Петровски, Матовски 1, Димовски 11, Ристоски, Андовски 5, Николовски 3, Тевдовски 1, Дабевски 2, Јаховиќ, Ангелов 9.

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 8 мин.