Чаир на грузиски погон до триумф над Шампион

Екипата на Чаир предводена од двете интернационалки од Грузија, Елизавета Чкхаидзе и Мариами Микхелидзе, славеше победа над Шампион со 36:29 во натпревар од 6. коло од домашниот шампионат.

Шампион во дуелот против Чаир влезе мотивирано и успеа да пружи отпор до 10 минута. Домаќинот, кој останатиот дел од натпреварот го одработи рутински, по нерешените 5:5 започна да се одлепува и да биде подобриот противник на теренот.

Откако Чаир поведе со 10:7, следуваа два гола во низа на гостинките за намалување на водството на 10:9. Сепак, Чаир во последните десет минути од првиот дел додаде уште девет гола, а во својата мрежа прими шест, па така резултатот на пауза беше 19:15 во корист за домаќинот.

Ракометарките на Басри Љатифи во вториот дел имаа целосна доминација и во ниту еден момент не дозволија опуштање во своите редови. Веќе при резултат од 29:21 во 45 минута јасно беше дека младиот состав на Шампион ќе биде во невозможна мисија да направи пресврт.

Домаќинките без поголеми проблеми ја чуваа стекнатата предност во последниот период и сигурно го водеа натпреварот кон победа. Во финишот Шампион успеа да го ублажи поразот, но немаше сили за нешто повеќе.

Најефикасни во победничката екипа беа Елизавета Чкхаидзе со десет и Мариами Микхелидзе со девет гола. Во поразениот табор се истакнаа Михаела Кралева со осум и Анастасија Митова со седум гола.