Чаир го продолжи договорот со капитенот Рахмани

Третопласираната екипа од Женската лига, Чаир, во своите редови успеа да ја задржи новата потенцијална репрезентативка Леонора Рахмани, која беше на поширокиот список за бараж дуелите со Украина за Мундијалот 2023.

Рахмани и раководството на Чаир се договорија на нова соработка, со важност од една година, така што 23-годишната ракометарка и во следната сезона ќе го носи дресот на амбициозниот скопски клуб.

Таа е една од неколкуте ракометарки од Женската лига кои можат да се пофалат со интернационално искуство, бидејќи во својата кариера настапуваше за косовскиот суперлигаш Истогу.

,,Задоволна сум од продолжувањето на соработката. Јас сум членка на Чаир Скопје уште од формирањето на клубот и не гледам причина зошто би ја променила средината. Чаир има високи амбиции секоја сезона, и сигурна сум дека можам многу да напредувам во кариерата овде. Во новата сезона нашиот тим влегува со значително поголеми амбиции и сериозни планови за во иднина. Верувам дека со новите играчи и стручниот тим на тренери кои работат со нас, ќе прераснеме во сериозен тим кој ќе ги оствари клупските амбиции“, изјави Рахмани.

Чаир освен што го продолжи договорот со капитенот на тимот, го ангажираше и првото засилување за новата сезона.

Во тимот на Басри Љатифи ќе пристигне младинската репрезентативка на Косово, Клеа Ајвази.