ЕП 2020: Црна Гора не издржа против Франција, но затоа Хрватска приреди изненадување

Вториот ден на Европското првенство го донесе првото изненадување откако репрезентативките на Хрватска одиграа одличен натпревар и остварија голема победа против Унгарија со 24:22.

До 17. минута од натпреварот Унгарија го диктираше резултатот и имаше два позитива. Хрватките успеаја да го свртат резултатот во своја корист, но не издржаа до полувремето кога беше израмнето 12:12.

Второто полувреме продолжи максимално неизвесно, најчесто беше еден гол позитива за една од репрезентациите. Во последните 15 минути Унгарија имаше многу проблеми со реализацијата што репрезентативките на Хрватска го искористија да се одлепат на четири гола и да стигнат до победата. Камила Мицијевиќ со четири гола беше најефикасна за Хрватска, додека во составот на Унгарија, Катрин Клујбер со девет гола беше најпрецизна.

На вториот дуел денеска, репрезентацијата на Франција стигна до тешка победа против Црна Гора со 24:23 со подобро издание во последните десет минути од натпреварот. Почетокот им припадна на Црногорките, поведоа со 5:3 и 9:4, но во продолжението Франција се врати во игра и на полувреме замина со само еден гол негатива. По 30. минути Црна Гора имаше водство 14:13.

И во второто полувреме Црна Гора го диктираше темпото и резултатот сè до завршните 10 минути. Франција израмни на 20:20 во 51. минута, а потоа и поведе до 22:20 што беше доволно за конечна победа иако во најголемиот дел од натпеварот беше во негатива. Со по три гола најефикасни за Франција беа Кујате, Ниаката и Валентини, додека во репрезентацијата на Црна Гора најмногу се истакнаа Јованка Радичевиќ и Мајда Мехмедовиќ со по пет погодоци.