Црна Гора можеше да направи од готово – вересија, но оди во главната рунда на ЕП!

По двата порази од Данска и Франција, женската репрезентацијата на Црна Гора ја забележа првата победа на Европското првенство, што и носи место во главната рунда. Совладана беше Словенија со 26-25, во драматичен финиш за кој се виновни Црногорките бидејќи испуштија предност од плус осум.

Словенките по три минути на стартот водеа со 0-2, а потоа избраничките на Урош Брегар потоа за 15 минути дадоа само еден гол, додека Радичевиќ и колешките погодија осум пати за висока предност, 8-3.

До крајот на првото полувреме предноста на Црна Гора се движеше меѓу четири и шест погодоци, за на пауза да се замине со 15-9.

Во вториот дел Словенките се обидуваа да се вратат во игра, но тешко им одеше. Избраничките на Ким Расмусен стигнаа и до плус осум, 22-14, но како да почнаа предвреме да се радуваат на пласманот во главната рунда.

По 25-20 во 50. минута, Клеменчиќ и Оморегие намалија на 25-22 за искра надеж во финишот. Два пати имаа шанса да погодат за минус два, но ударите на Грос и Станко беа одбранети од Батиновиќ.

Сепак Словенија намали на 25-24 преку Грос, кога имаше да се играат уште три минути. Грбиќ реализираше за 26-24, а Лазовиќ не погоди, но повторно Црна Гора мораше да стравува. Светик даде гол за минус еден, 26-25, но немаше време за реми и комплетен камбек во мечот, па победата и пласманот во главната рунда остана за Црна Гора.

Најефикасни во победничката селекција беа Радичевиќ со девет и Деспотовиќ со шест погодоци, додека кај Словенија се истакнаа Грос со седум и Станко со пет голови. Покрај Црна Гора, од оваа група во главната рунда одат и Данска и Франција, додека Словенија се враќа дома.