Црвенкоска пред ЕХФ шампионатот: Секоја од девојките може да даде и 200 отсто од можностите за Македонија

Членот на стручниот штаб на женската младинска репрезентација, Јулијана Црвенкоска е меѓу тренерите со најдолг стаж во предводењето на овие девојки, па таа е една од оние што добро ги познава ракометарките што треба да настапат на ЕХФ шампионатот кој в сабота почнува во салата во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Со оглед на тоа што периодот беше тежок бидејќи можеше само да се тренира, но не и да бидат одиграни контролни средби таа очекува девојките да го дадат максимумот. Сепак, ќе треба сето она што таа, Савевски, Станковски и Андреева го имаат подготвено девојките да го спроведат на дело.

„За очекувањата не можам да зборувам, но можам да кажам дека во периодов во кој се подготвувавме за овој шампионат одработивме максимално. Вниманието го насочивме кон сите детали кои ќе ни бидат многу важни на системот на кој работевме и мислам дека девојките коректно го прифатија начинот на работа. Сметам дека секоја од нив е подготвена да даде и 200 проценти од можностите. Доколку се спроведе на терен сето она што го работевме и дисциплинирано играат и ги одработуваат зададените задачи мислам дека ќе и позитивни резултати“, вели Црвенкоска за 24 Ракомет.

Не беше одиграна ниту една контролна средба, но и најголемиот дел од противниците доаѓаат без контролен натпревар.

„Во овие услови кога немаше пријателски натпревари освен една меѓу Полска и Романија имаме некои информации за противниците од претходниот ЕХФ шампионат од 2019 година, но во кадетска конкуренција. Сепак, конкретно нешто немаме и квалитетите на противниците ќе ги дознаваме со текот на шампионатот“.

Секако домашниот терен ќе треба да биде искористен, но и за ова ќе треба навикнување со оглед на тоа што се работи за пандемиска година во која ракометарките не можеа многу да играат пред полни трибини.

„Игравме во пандемиска година и девојките не се научени многу на публика. Мислам дека девојките полека се навикнуваат. Се бодриме меѓусебе и тоа ќе ни дава дополнителен мотив и елан и очекувам да биде добро“, коментираше Црвенкоска за 24 Ракомет.

Првиот натпревар за младинките е в сабота од 20:30 часот, а противник е селекцијата на Босна и Херцеговина. Во групата се наоѓаат уште и репрезентациите на Фарски острови, Холандија и Косово. Првите две ќе обезбедат место во полуфиналето.