Црвенкоска за 24 Ракомет: Среќна сум што ќе работам со големи ракометни имиња, ќе изградиме добар тим

Во стручниот штаб на новиот селектор на Македонија е вклучена и единствената дама која може да се пофали дека како тренер освоила титула во Лигата на шампионите за мажи и во СЕХА лигата, Билјана Црвенкоска. Таа се најде во стручниот штаб заедно со Филип Миркуловски, Ацо Јоноски и Бранислав Ангеловски така што сите со своето искуство треба да донесат еден нов воздух во сениорскиот национален тим во машка конкуренција.

Црвенкоска ги искажа своите впечатоци после денешното официјализирање на нејзиното вклучување во машкиот национален тим.

„Среќна сум што една убава идеја стана реалност. Уште посреќна сум што се најдов во одличен тим и што ќе работам со играчки имиња кои имаат оставено голема трафа зад себе во ракометот. Знам дека не сме соработувале досега, но знам дека ќе успееме да се вкомпонираме и да изградиме добар тим“, вели Билјана Црвенкоска за 24 Ракомет.

Таа веќе имаше можност за соработка со Лазаров, и тоа ќе и биде секако плус за полесно вклопување во екипата на тренери со кои новиот селектор на Македонија ќе работи во подготовката на националниот тим.

„Имав шанса за работа со Кире во клуб, но тоа е едно, а работата во репрезентацијата е нешто сосема друго. Горда сум што повторно ќе имам можност да работам со него и секако задоволна што добивам шанса да бидам дел од машкиот сениорски тим на Македонија“.

Работата со машки тим не и е непозната бидејќи таа својата прва задача и беше во машката екипа на шампионот на Македонија, СЕХА и Европа, Вардар.

„Мојата тренерска кариера стартуваше во машка екипа. Почнав со работа во машкиот тим на Вардар во сезоната 2018/19 кога стигнавме до трофеите од Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Потоа бев дел и од женската екипа, а од почетокот на оваа сезона одново работев во машки клуб така што за мене не е проблем дали се работи за машка или за женска екипа. Сè додека професионално ги извршуваме обврските и ги решаваме сите задачи нема никаков проблем. Јас сакам да работам и сакам да придонесувам за подобрување на ракометот така што сум задоволна од мојата нова улога“.

За неа ова ќе биде прва задача во некоја репрезентација така што добива можност за ново искуство.

„После завршувањето на играчката кариера немав контакт со некоја репрезенентација и горда сум што повторно ќе можам да работам за Македонија. Знам дека ќе имаме одлична соработка со сите во стручниот штаб и знам дека ќе направиме нешто повеќе од досега за националниот тим“, коментираше Црвенкоска за 24 Ракомет.

Таа почнува со подготовки за првиот собир кој доаѓа наскоро, па ќе има можност секако и да го покаже најдоброто од неа и да помогне колку е можно повеќе за кревање на квалитетот во националниот тим. Полека се дефинира и нејзината улога во овој стручен штаб, но очекува на состаноците следната недела да ги добие и конкретните задачи и да се почне со работа на патот кон обезбедување на пласман на уште едно Европско првенство за Македонија.

Mускетарите на Лазаров – Докажани борци за Македонија, со богато ракометно CV

Кире Лазаров со четири помошници, Миркуловски тренер-играч