Mускетарите на Лазаров – Докажани борци за Македонија, со богато ракометно CV

За Кирил Лазаров, новиот македонски ракометен селектор и не треба да се зборува и посебно да се претставува, што и колку има направено за Македонија во последните децении. Самото присуство во сениорскиот национален тим од 1997 година и успешното опстојување се одличен доказ за квалитетите како играч.

Рекордот на Мундијалите од 92 гола на еден шампионат од 2009 година е уште негов, а зад себе има точно 500 погодоци на Европските и Светските првенства во дресот на Македонија. После долгата играчка кариера се одлучи да се најде и меѓу тренерите, но останува уште активен и како играч така што ќе има двојна функција. Затоа одлучи да има поброен стручен штаб односно четворица со кои ќе работи во следните години.

Се работи за добро познати имиња во македонскиот ракомет кои се докажале како репрезентативци. Миркуловски ќе биде и уште активен исто како и Лазаров и ќе помага на теренот, а првпат во стручниот штаб е вклучена и дама и тоа не која било туку дамата која како дел од стручниот тим на Парондо дојде до титула во Лигата на шампионите во 2019 година.

Филип Миркуловски: Големиот борец, за кој нема загубен дуел

Сезонава ја почна со двојна улога во тимот на Вецлар, па така ќе биде и во националниот тим. Ракометарот кој се врати еднаш, па после баражот против Романија во 2018 година одново се повлече од националниот тим сега повторно е тука за да им помогне на помладите колеги. Иако и тој како и Лазаров е веќе на залезот од играчката кариера со своето искуство е секако потребен на теренот.

Познат како голем борец односно играч кој направил многу за Македонија и учествуваше во сите успеси во последните 12 години сега ќе биде одново лидер во обидот за пласман на уште едно големо натпреварување.

Покрај 11. место на Мундијалот во Хрватска во 2009 година и 5. место на Европското првенство во Србија има и 4. место на младинското Европско првенство во 2002 година.

Бранислав Ангеловски: Со Кире беа заедно на Мундијалот во Египет пред 22 години

Тој својата играчка кариера ја заврши во Романија, па таму почна со работа како спортски директор на Констанца. Во меѓувреме дојде до Мастер лиценца за тренер и се најде на списокот на тренери кои ја поседуваат оваа лиценца со која може да се водат тимови на највисоко ниво.

Има одлично искуство зад себе со настапи во повеќе првенства, а долго беше дел и од репрезентацијата. Заедно со Лазаров беше дел од Мундијалот во Египет во 1999 година кога постигна два гола.

Ангеловски настапи за Македонија и на Европското првенство во 2012 година, на Мундијалот следната година и на Европското првенство во 2014 година. Има вкупно 18 погодоци на четири големи натпреварувања во дресот на Македонија.

Ацо Јоноски: Специјалист за дефанзивни задачи

Играчката кариера ја градеше во тимовите кои се најсилни во Македонија во последните години, а патот како интернационалец го одведе во Германија каде што во дресот на Ратинген минатата година имаше улога на играч-тренер.

И понатаму е лидер на тимот на Ратинген кој има амбиции да се пласира повисоко односно да дојде до Бундес лига 2, а неговото искуство е драгоцено за младите ракометари. Како играч беше специјалист за игра во одбрана и ова секако ќе биде огромен плус во играта на Македонија бидејќи со него во стручниот штаб се добива на можност да се добие она што недостигаше односно поцврста игра во одбраната.

Последниот настап за репрезентацијата на големите натпреварувања го имаше во 2018 година. Има само еден гол на шест првенства, но неговата задача секогаш беше да биде командант на одбраната и тоа го правеше одлично.

Исто како Ангеловски и Миркуловски и тој беше дел од Европското првенство во 2012 година кога Македонија го освои 5. место.

Билјана Црвенкоска: Дама која има титула како тренер во ЛШ и СЕХА

Во сезоната 2018/2019 доби шанса да му биде помошник на Роберто Парондо и заедно со него и со Вардар стигна до Ф4 во Лигата на шампионите. Трофеите кои ги освоија во ЛШ и во СЕХА се запишани во нејзиното CV така што таа е еден од ретките македонски тренери кои може да се пофалат со титули на меѓународна сцена со македонски тим.

Сезонава ја почна во ГА КЛ 7 каде што работеше заедно со Андон Бошковски, но заедно си заминаа минатиот месец и оттогаш беше без ангажман.

Се работи за поранешна репрезентативка на Македонија која зад себе има неколку настапи на големите натпреварувања. Беше дел од Мундијало како младинка во 2003 година кога Македонија заврши на 8. место, а беше дел и од Европското првенство во 2008 година како сениорка кога беше освоено 7. место исто така на домашен терен.