Циндриќ: Проектот на Динамо ми личи на некој нов Вардар

Поранешниот член на Вардар, Лука Циндриќ, во текот на летниот трансфер период ја напушти Барселона и ги засили редовите на романскиот шампион Динамо Букурешт.

Иако клубот од романската престолнина нема да игра во Лигата на шампионите, сепак, хрватскиот репрезентативец одлучи да го засили амбициозниот тим на Чави Пасквал

Динамо Букурешт освен на одбрана на домашната титула, ќе атакува на освојување на трофејот во второто по ранг европско натпреварување – Лига на Европа.

Некогашниот вардарец во разговор за „Спортске Новости“ истакна дека сегашниот проект на Динамо Букурешт е сличен со оној на Вардар, кој двапати ја освои титулата во Лигата на шампионите.

,,Што се однесува до тимот, сега за сега се е одлично, со играчи како Али Зеин и Сорхаиндо веќе имам играно. Го познавам Чави многу добро, тој знае што може да очекува од мене, затоа и инсистирав да дојдам. Има многу вложувања во тимот. Јас и Кукиќ делиме минутажа во средината, лево се Кудуз и Али Зеин, десно Кашпарек и Хумет, на линијата ги имаме Сораиндо и Бохан, за одбрана задолжени се Рошта и Ракотеа, на крила ги имаме Акименко и Негру…Сето ова ми личи на некој нов Вардар”, изјави Циндриќ.

Динамо Букурешт со трофеј ја започна новата сезона, откако го освои Супер куп трофејот во Романија.