Целје си најде нов „чувар на мрежата“ во голманот кој го сакаше и Вардар

Целје се договори со повремениот репрезентативен голман на Хрватска, Филип Ивиќ. Тој ќе го засили шампионот на Словенија од следната сезона, а договорот е потпишан на две години.

Голманот кој има 27 годии во моментов ги брани боите на Гумерсбах, а претходно бранеше и за Загреб и Келце. Со екипата на Келце, Ивиќ минатата сезона беше дел од завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Хрватот потпиша договор со Гумерсбах кога клубот сè уште беше во првата Бундес лига, но пред да пристигне Ивиќ во клубот тој испадна во Втората лига. Сега голманот сака нов предизвик каде што би можел да ги покаже своите квалитети.

„Пресреќен сум што дојдов во Целје, благодарност до клубот и моите претставници кои ја завршија работата многу добро. Исто така благодарност до сите претходни играчи на Целје кои ме советуваа да дојдам тука. Целје е клуб со традиција, има одличен систем и се надевам дека брзо ќе се вклопам. На секој тренинг и натпревар ќе дадам се од себе и со нетрпение ги очекувам натпрварите во „Златорог“ арената, многупати играв како гостин и сум импресиониран од атмосферата“, изјави Ивиќ по потпишувањето на договорот.

Филип Ивиќ играше за репрезентациајта во периодот кога бранеше за Загреб и досега има запишано 37 настапи за Хрватска. Учествуваше на Светските првенства во 2013 и 2015 година.

За Ивиќ имаше заинтересираност и од Вардар и тоа пред почетокот на оваа сезона, но не дојде до трансфер.