Целје доминира во Словенија, ја освои 25. титула во Суперлигата

На едно коло пред крајот во словенечкиот шампионат, екипата на Целје направи недостижна разлика во однос на второпласираната екипа, Тримо Требње, и ја освои титулата во годинешната сезона.

Целје го држи рекордот во Словенија по бројот на освоени титули. За поранешниот учесник во Лигата на шампионите, освоената титула е 25-та во својата клупска историја. На второто место се наоѓа Горење Велење со вкупно пет титули, а по една освоена титула имаат екипите на Пруле и Копер.

Шампионот од минатата сезона, Горење Велење, заврши на 3 место, додека екипата на Тримо Требње, во која настапуваат ракометарите од Македонија, Тоше Ончев и Милан Лазаревски, ја освои втората позиција на табелата.

Во последното коло, поголемиот дел од натпреварите нема да имаат резултатско значење. Неизвесно ќе биде само кои екипи ќе завршат на 4 и 5, односно 6 и 7 место. За споменатите позиции, во игра се екипите на Рибница, Лока, Копер и Градец.