Цела репрезентација на Шведска во карантин, може ли Македонија да профитира?!

На осум дена до стартот на Светското првенство, цела репрезентација на Шведска мораше да замине во карантин.

Поради позитивниот тест на Антон Линског, сите репрезентативци и стручниот штаб, односно сите негови контакти од последните неколку дена се во карантин, кој треба да трае пет дена пред да бидат направени новите тестови.

Веќе се одложени двете квалификациски средби против Црна Гора што требаше да се играат во Подгорица и Ескилстуна, на 6 и 10 јануари и ќе бидат закажани за друг термин.

Шведска ја очекува настап на Светското првенство и треба да патува во Египет на 12 јануари, но можно е бројката на ковид-позитивни да се зголемува, па Македонија, која е прва резерва, да профитира од ова.

„Викинзите“ имаат ракометари не за една, туку за три репрезентации и сигурно нема лесно да се откажат од настап на Мундијалот, па доколку не можат да играат оние од скратениот список што сега се во карантин, сигурно ќе бидат повикани играчи што се наоѓаат на поширокиот од 35.

Сепак како што ќе одминуваат деновите пред СП, Шведска сигурно нема да биде единствена што ќе има ковид-проблеми и Македонија треба да биде на „готовс“.