Цветаноски: Потребен ми беше нов предизвик, амбициите на Прилеп најмногу ми одговараа!

Екипата на Прилеп, која обезбеди опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија, ќе биде посилна со довчерашниот ракометар на Струга, Никола Цветаноски.

Стружанецот во Прилеп ќе биде замена за капитенот Давор Шокоски и во неговиот нов клуб ќе остане најмалку две сезони.

Левиот бек се надева на добри настапи и резултати со тимот на Прилеп, истакнувајќи дека го направил вистинскиот избор во кариерата.

,,Подолг период имаше разговори со Прилеп и можам да кажам дека нивната упорност и желба беа решавачки за да потпишам со нив. Потребен ми беше нов предизвик и докажување и се надевам на добри игри и резултати со новиот клуб. На моја адреса имаше уште неколку понуди, но понудата од Прилеп и амбициите на клубот ми одговараа најмногу. Се надевам дека ќе го дадам најдоброто од себеси за добри резултати на Прилеп и со тоа и мој напредок како ракометар”, изјави Цветаноски.

Прилеп претходно се засили со кружниот напаѓач од Радовиш, Томче Трајчевски, додека договорот го продолжи левото крило Христи Бикоски.

Од клубот, освен Давор Шокоски, си замина и репрезентативецот на Грузија, Мириами Гавашелишвили.