Хрватски великан во големи проблеми: Сè застана, а ние немаме ниту една куна на сметка!

Покрај Подравка од Копривница, синоним за хрватскиот женски ракомет е и тимот на Локомотива Загреб.

Ракометарките на полуфиналистот на Челинџ Купот, како и членовите на сите останати спортски колективи, во моментов се на пауза од заеднички тренинзи.

„Прекинавме со тренинзи по обезбедувањето на полуфинале во Челинџ Купот. Тогаш мислевме дека тоа е привремено, девојките ги пуштивме дома, но таму и останаа. Чекаме упатства за понатаму од Хрватскиот Сојуз“, вели директорката на клубот, Клаудија Бубало за „Спортске Новости“.

Како и сите клубови, така и Локомотива ќе има финансиски потешкотии. Загребскиот клуб се наоѓа во прилично неблагодарна ситуација бидејќи голем дел од буџетот се пополнува од Општината.

„Ние во моментов сме на нула на сметката и тешко е што било да се каже, бидејќи ниту во Општината Загреб не е јасна ситуацијата. На сите нас во главата ни е да се одржиме во живот, но се уште немаме никакви смерници. Треба да ја сочуваме екипата, девојките, структурата на клубот. Голем проблем е тоа што имаше земјотрес во Загреб, па парите за спортот ќе одат за санација на штетата“, заврши Бубало.