Хрватскиот сојуз одлучи – се прекинуваат сите шампионати до крајот на мај!

Ракометните шампионати во Хрватска – Премиер лигата, Првата и Втора лига, и сите останати натпреварувања во машка и женска конкуренција се прекинати по донесената одлука од Управниот Одбор на ракометниот сојуз.

Челниците на ХРС најавија продолжување на натпреварите од или после 26 мај. Ваквиот исход за прекин на првенството беше донесен по предлогот од водечкиот клуб на табелата, Загреб. Натпреварите би требало да бидат завршени до 27 јуни доколку ситуацијата со корона пандемијата биде стабилна.

Хрватскиот шампион бараше прекин на првенството поради лошата ситуација со ковид-19 во нивниот тим, но и на целата територија на Хрватска. Дел од средбите во плеј-оф лигата на Хрватска беа одложувани поради позитивните ракометари во некои клубови.

ХРС испрати одлука до сите клубови дека мора играчите и целиот персонал на клубот да бидат вакцинирани до 26 мај. Против одлуката за прекин на првенството гласаше само претседателот на Нексе, Јосип Ерговиќ кој со денови го критикуваше нивниот ривал, Загреб дека бега од соочување на силите на терен.