Хрватска ги реди фаворитите, после Унгарија го зема скалпот и на светскиот првак

Репрезентацијата на Хрватска е наjголемото изненадување на Европското првенство и веќе има обезбедено место во вториот круг откако после Унгарија успеа да ја надигра и Холандија победувајќи ја со 27:25.

Хрватска одигра неверојтен натпревар во кој прво му парираше на противникот, а потоа и го надигра комплетно во секој дел од играта.

Уште на стартот се виде дека Хрватките се решени да дојдат до бодови на овој дуел. Тргнаа решително и постојано беа во водство од гол до два. Водството го имаа до финишот на првите 30 минути кога Холанѓанките успеаја да се вратат. После 9:6 за Хрватска постепено се топеше предноста, а пред заминување на пауза Холандија имаше и водство од два гола.

На одмор Холандија замина со 14:13, a овој гол предност го бранеше долго во вторите 30 минути. Хрватките се обидуваа да направат пресврт, но не им одеше најдобро. Долго им беше потребно за да најдат игра со која ќе можат да ги свртат работите во своја корист.

ЕХФ ЕУРО 2020 жени Хрватска vs Холандија ФОТО: Станко Груден/kolektiffimages

Сепак, до 23:24 беше гол за гол, а потоа со 3:0 ги свртеа работите во финишот и знаеја како да издржат за да дојдат до нова победа, па сега во последното коло против Србија можат мирно да играат и да го очекуваат пласманот во вториот круг.

Денеска прв стрелец во оваа победа на Хрватска беше Лариса Калаус која погоди деветпати, додека шест гола имаше Камила Мицијевиќ. Во Холандија петпати прецизни беа Кели Дулфер и Лоис Абинг.