Хрватска без Циндриќ против Словенија, но со вардарецот Гаџа како организатор на играта

Машката репрезентација на Хрватска ги почна подготовките во рамки на ЕХФ неделата која ќе биде искористена и за проверување на силите пред настапот на Европското првенство кое ќе се одржи во јануари, а домаќини ќе бидат Унгарија и Словачка.

Избраниците на Хрвоје Хорват по тестирањата во Загреб и краткото дружење со медиумите, веднаш заминаа за Пореч, каде ќе тренираат во следните седум дена.

Хрватска ќе одигра пријателски натпревар против Словенија на 6 ноември во Новиград. Од 19 повикани ракометари, во Загреб недостасуваат двајца. Подготвителниот период поради повреда ќе го пропушти екс-ракометарот на Металург и Вардар, Лука Циндриќ, како и членот на Нексе, Фран Милета.

На местото на Милета, Хорват одлучи шанса да му даде на Владо Матановиќ, ракометар на Загреб. Поради отсуството на Циндриќ, шанса повеќе на теренот ќе добие средниот бек на Вардар, Анте Гаџа.

Поранешниот ракометар на Вардар, Иван Чупиќ и екс-членот на Металург, Халил Јагањац, исто така се дел од ракометарите кои беа повикани за репрезентативниот собир.

Противници на Хрватска на Европското првенство се репрезентациите на Србија, Франција и Украина во рамките од Групата Ц.