Хрватска без „Македонци“ на мегдан со Шпанија

Селекторот на машката репрезентација на Хрватска, Хрвоје Хорват го објави списокот на ракометари за натпреварот против Шпанија во рамките од ЕХФ Евро Купот и пријателскиот натпревар против репрезентацијата на Египет.

Списокот го сочинуваат 18 ракометари, а најголем дел од нив доаѓаат од домашните клубови, Нексе и Загреб. Бидејќи натпреварите против Шпанија и Египет ќе се играат надвор од календарот на ЕХФ, Хорват реши да повика ракометари од домашните клубови и национални лиги кои го завршиле натпреварувањето за оваа сезона. Натпреварот против Шпанија ќе биде само формалност, бидејќи исходот нема да има никакво влијание на табелата.

Хрватскиот селектор од списокот ги изостави двајцата ракометари на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш и Томислав Кушан. Двајцата ракометари од битолскиот тим играа против Словачка и Унгарија во рамките на ЕХФ Евро Купот, но за последниот натпревар против Шпанија, Хорват се одлучи за различен ростер. На списокот ги нема ниту Златко Хорват од Металург и Иван Чупиќ од Вардар кои играат во одлична форма. Средниот бек на Вардар, Анте Гаџа поради повреда не се најде на списокот.

Подготовките за натпреварот против Шпанија, Хрватите ќе ги стартуваат на 21 јуни во Пореч. Бидејќи финалето од Купот на Хрватска ќе се одржува во Пореч, од 18 до 20 јуни, поголемиот дел од ракометарите ќе бидат веќе пристигнати.

Натпреварот против Шпанија ќе се одигра во Мадрид на 27 јуни. Еден ден подоцна, Хрватска ќе одигра пријателски натпревар против репрезентацијата на Египет.