Хорват ја гради „новата“ Хрватска, во неговата визија има место за двајца пелистерци

По неуспехот да се пласираат на Олимписките игри во Токио, но и лошото издание на Светското првенство во Египет, Хрватите започнаа промена и помладување во својата репрезентација.

Селекторот Хрвоје Хорват ја наследи селекторската функција и ќе има значително тешка задача да го врати стариот сјај на хрватската репрезентација, но верува дека сите ракометари ќе го дадат својот максимум, без разлика дали ќе бидат повикани само за еден или за сите натпревари.

Во интервју за „Спортске Новости“, Хорват зборуваше за амбициите, подготовките за натпреварите против Словачка и Унгарија и новите ракометари во репрезентацијата.

„Во репрезентацијата нема отпишани бидејќи во нејзе секогаш ќе играат најдобрите и оние ракометари кои можат да задоволат одредени критериуми. Нема поделба на млади или стари, постојат само добри ракометари. Фактот што некои до сега беа во репрезентација, а сега не се наоѓаат, не зборува многу. Ситуацијата по квалификациите за Олимписките игри ни даде шанса да се обидеме да го освежиме тимот, бидејќи тоа е неопходно. Исто така, треба да се забрза нашата игра, да се најдат играчи за два правци, а тоа ќе бидат оние кои можат да исполнат одредени критериуми”, изјави Хорват.

Хрватскиот стратег реши на списокот за подготовките на својата репрезентација да ги повика и двајцата ракометари на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш и Томислав Кушан. Двајцата ракометари од Битола се поклопуваат со плановите и визијата на Хорват за новата репрезентација на Хрватска.

„Шипиќ отпадна поради повреда. Според профилите на играчите јасно е дека се спремаме за игра во два правци со Кушан, Начиновиќ, Граховац и Шушња. Тука најмногу ќе бараме од играчите. На десната страна, Мартиновиќ веќе се докажа, Шебетиќ не е некоја новост, неговата одбрана е наша предност, но тој мора да се поправи во нападот, тоа е важно. Нашиот трет ракометар на таа позиција е младиот Матео Мараш кој прикажува интересни игри во Еурофарм Пелистер. Тука се наоѓа и Иво Кларица, кој, го следиме во настапите за Загреб”, заврши Хорват.

Хрватска на 28 и 29 април игра против Словачка, додека на 1 мај ќе се сретне со Унгарија.