Хорват: Првенството ќе биде многу интересно, ќе им бидеме конкуренција на Вардар и Еурофарм Пелистер

За сите беше големо изненадување кога Златко Хорват се реши да го напушти Загреб и да се пресели во Металург.

За хрватскиот репрезентативец ова е прв интернационалец предизвик и воопшто втор клуб во кариерата, во која досега играше само во Загреб.

Тој во интервју за „Јутарњи“ истакна дека Металург е необично создадена екипа, но и дека во Автокоманда го знаат рецептот за да се стигне до едно од првите две места.

„Металург е малку необично создадена екипа од млади домашни играчи и нас постарите кои дојдовме како засилувања. Ќе ни треба малку време за тоа да се вокомпонира и мислам дека оди добро, тренерот Зоран Кастратовиќ го знае начинот да дојдеме до нашата права форма. Отпадна Бразилецот Тешеира, на чие место дојде нашиот Марко Тарабокија. Одбраната има темел со искусниот Дупјачанец на голот и Велко Маркоски во средина. Едното крило сум јас, тука е повремениот репрезентативец на Македонија, Мице Шилегов, црногорскиот играч Милан Поповиќ, а на линијата е Бранко Канкараш кој дојде од Мешков Брест. Надворешната линија ја сочинуваат Рниќ и Мариќ, десно се младите Серафимов и Потиќ. Мислам дека сме добри“, вели Хорват.

Хрватскиот репрезентативец ги коментираше и двата големи ривали, Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Засега во првиот ред се Пелистер и Вардар. Ама, мислам дека ќе им бидеме голема конкуренција оваа сезона, првенството ќе биде интересно како никогаш. Наша предност е што не сме оптеретени со СЕХА лигата, но план и желба е да се вратиме во тоа натпреварување. Засега Пелистер покажува најмногу, ама Вардар не смее да се потцени затоа што имаше многу промени и треба малку време за да дојдат работите на место. Она што беше видливо кај сите е дека имаме добри одбрани, чекаат жестоки дуели оваа сезона. Пред неколку дена изгубивме од нив 25-20, но тоа беше подобро во однос на Струга каде што бевме трети, а тие втори“, дополнува Хорват.

Металург оваа сезона посакува да биде на едно од првите две места и да се врати во СЕХА лигата.

„Желбата е да бидеме на едно од првите две места во Македонија и да се вратиме во СЕХА лигата. Мислам дека тоа е реално. Тоа е основата работа, но тешко е да прогнозирате било што, бидејќи така мислат и Вардар и Еурофарм Пелистер. Во секој случај не чека занимлива сезона“, заврши Хорват.

Прва обврска за Металург оваа сезона ќе биде двобојот со Спачва Винковци на 29 август во Скопје и на 5 септември во Винковци, во рамките од првото квалификациско коло од Лигата на Европа.