Хорват: Многу значи ваква титула, се надевам ги оправдав очекувањата

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната.  Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Златко Хорват, десното крило на Металург, е еден од тројцата играчи од тимот од Автокоманда, кој се најде во олстар тимот на полусезоната, со 7.571 глас.

Хрватскиот репрезентативец е најзвучното засилување на Металург сезонава, како со своето искуство, така и со реномето кое го има на овие простори. Иако не ги одигра сите суперлигашки натпревари во финишот на есенскиот дел, Хорват претходно беше најдобар стрелец во тимот, па оттаму јасен е и впечатокот кој го оставил.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

„Позитивно сум изненаден и многу ми значи тоа што уште во првата сезона во македонската Суперлига добив една ваква титула. Се надевам дека со она што го прикажав ги исполнив очекувањата како на публиката, така и на луѓето во клубот и екипата, но исто така верувам дека најдоброто допрва следи“, задоволно коментира Златко Хорват.

Во првиот дел од сезоната поради честите прекини поради коронавирусот екипите не успеаја да влезат во вистински натпреварувачки ритам, па поради тоа Хрватот смета дека од овие причини и Металург на моменти не делувал во рамките на очекувањата.

„Многу ми е жал што имавме една таква полусезона. Со многу проблеми и со многу корона-прекини, тоа пречеше, не само на нас, туку и на другите екипи во Суперлигата и верувам дека тоа е причината што во некои ситуации не бевме свои. Во македонската лига тоа беше помалку изразено, повеќе го почувствувавме во Европската лига и навистина жалам поради тоа.“

Иако имаат уште натпревари во Европа, јасно е дека Металург остана без шанси на тој фронт, па сега комплетно ќе се насочи кон македонското првенство и Купот, но според Хорват и таму ги чека тешка задача, особено по играчките промени во тимот.

„Штета е што не останавме истата екипа. Мислам дека само што влеговме во некој ритам, само што се воигравме, останавме без тројца стартери и сега имаме нови играчи. Но што е тука е! Ќе се обидеме времето кое го имаме до почетокот на првенството максимално да го искористиме и што подобро да функционираме на теренот. Мора да бидеме реални дека со овој состав ќе биде многу тешко и против Вардар и против Еурофарм Пелистер, но и против било кој друг противник во плејофот. Секако нема предавање, ќе се обидеме да го извадиме максимумот од нас, на секој натпревар да бидеме подобри од претходниот, па ќе видиме што ќе ни донесе крајот на сезоната“, заклучува Хорват.