Хорват за 24Ракомет ТВ: Никаде во светот не ги гледаат ракометарите како во Македонија (ВИДЕО)

Легендата на тимот на ППД Загреб, Златко Хорват, после речиси две децении настапи за шампионот на Хрватска се реши на поинаков чекор во кариерата и се пресели во редовите на Металург каде што дојде како големо засилување.

Признава дека имал голема желба за да смени нешто во неговата кариера и дека во Металург веќе се чувствува како дома и имал одличен прием.

„Малку е чудно. Со оглед дека цел живот бев во Загреб, после толку години се одлучив на нови предизвици. Тоа е една желба која тлееше долго во мене и испадна да дојдам во Металург и задоволен сум од сè. Добив неверојатно гостопримство од сите. И од играчите, од стручниот штаб од сите во клубот сум прифатен одлично“, вели Хорват во интервју за 24Ракомет ТВ.

Тој направи чекор каков ретко кој очекуваше, но вели дека клучен момент за одлуката била позицијата на ракометот во Македонија. Фактот дека овој спорт нема конкуренција и дека сите живеат за успесите на ракометот.

„Малку од страна можеби оваа моја одлука делува чудно, но знаеме како е во Скопје и во Македонија, како луѓето живеат за ракометот тука. Тоа е еден голем плус и една од причините поради кои дојдов во Металург. Начинот на кој луѓето гледаат во ракометарите. Тоа е еден голема причина повеќе поради која се решив да дојдам тука“, коментираше Хорват за 24Ракомет ТВ.

Комплетното интервју со Златко Хорват можете да го погледнете во продолжение.