Холандски репрезентативец го засили Фленсбург

Репрезентативецот на Холандија, десниот бек Кај Смитс во текот на следното лето ќе ги напушти редовите на германскиот шампион Магдебург и ќе се пресели во екипата на Фленсбург.

Раководството на поранешниот европски шампион преку социјалните мрежи ја потврди соработката со ракометарот од Холандија. Десниот бек со Фленсбург потпиша договор на две сезони, со можност за продолжување на истиот доколку двете страни бидат задоволни од соработката.

Интерес за Смитс имаше и од други бундеслигаши, но екипата на Фленсбург успеа да го донесе во својот тим. Смитс во својата кариера освен за Магдебург настапуваше и за екипите на Холстебро од Данска, како и за матичниот клуб од Холандија, Лимбург.

Дресот на холандската репрезентација го носи од 2016 година и заедно со неговите репрезентативни колеги на ЕП во Унгарија и Словачка го остварија најдобриот пласман освојувајќи ја 10. позиција.