Хендави промовиран: Македонците го сакаат ракометот, трансферот во Еурофарм Пелистер е значаен чекор за мене

Најновото засилување за Еурофарм Пелистер е египетскиот чувар на мрежата Карим Хендави.

Тој денеска беше промовиран во Битола и би требало своето деби да го има на двомечот со унгарската Татабања во Лигата на Европа.

„Ги познавам сите ракометари на Еурофарм Пелистер и знам дека македонската репрезентација е многу добра. Играв против Македонија уште во 2013 година во два пријателски натпревари. Ја знам историјата на репрезентацијата, имате добри пласмани на Европските шампионати. Ракометот во Македонија е популарен, многу луѓе сакаат ракомет и се надевам дека ќе уживам тука“, изјави Хендави.

Египќанецот се надева дека ќе помогне на екипата да биде уште подобра.

„Многу ми е драго што потпишав за Еурофарм Пелистер. Ова е значаен чекор за мене. Доаѓам во клуб со многу добри играчи, добар тренер, многу добар тим. Екипата е на одлично ниво и се надевам дека ќе помогнам“, продолжува Хендави.

Голманот треба да дебитира во Лигата на Европа на дуелите со унгарската Татабања во среда и четврток.

„Ќе биде тешко и интересно против Татабања. Ни требаат добри два натпревари да напредуваме на табелата и ќе се бориме за тоа да го оствариме“, заврши Хендави.

Потоа битолчани ги очекуваат домашни средби со ГОГ Гудме и Рајн Некар, пред завршното гостување кај Кадетен.