Хакери од Турција го нападнаа селекторот на Данска

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен се најде во несекојдневна ситуација и мораше да се расправа со хакери од Турција кои ги нападнаа неговите профили на Инстаграм и Фејсбук, а воедно и неговата мејл-адреса.

Тој се пожали дека му биле побарани пари за да ги врати профилите одново, но не сакал да има соработка со такви лица и одлучил да си направи нови профили.

За ова искуство раскажува за данските медиуми каде што практично ја опишува целата ситуација и воедно ја соопштува и сумата која му била побарана од страна на хакерите.

„Тие ги хакираа моите адреси на социјалните мрежи. Хакнат беше мојот мејл, како и профилите на Инстаграм и Фејсбук. Хакерите ми побараа 5.000 долари за да добијам одново пристап до социјалните мрежи. Им реков дека треба да водат повеќе сметка за себе. Отворив нови профили. Се разбира губењето на 37.000 следбеници на Инстаграм е малку вознемирувачко. Сепак, тоа не е врзано за рекламирање така што не загубив многу. Штета за фотографиите, особено за оние каде што моите деца се мали“, вели Николај Јакобсен.

Тој во моментов е само селектор на Данска откако претходно беше и тренер на Рајн Некар. Инаку, нема информации откаде се нашол на удар на турските хакери и кои биле причините за ова.