Француската звезда ќе настапува за ЧСМ Букурешт

Романскиот вицешампион,ЧСМ Букурешт, за следната сезона го претстави најновото засилување. Во поранешниот европски шампион ќе настапува репрезентативката на Франција, Грас Заади, која во редовите на романскиот тим ќе пристигне од француски Мец.

Заади на почетокот на годината поради ситуацијата во Украина го напушти Ростов Дон и се пресели во екипата на Мец. Сепак, Мец беше само привремено решение за искусната ракометарка бидејќи имаше голем број на понуди, а како најдобра ја избра понудата од ЧСМ Букурешт. Со Мец на Ф4 турнирот во елитното натпреварување го освои третото место.

Романските медиуми веќе објавија дека ЧСМ Букурешт има стабилен буџет, кој изнесува 3,5 милиони евра. Во клубот покрај Заади ќе пристигне и Марина Судакова од ЦСКА Москва, Крина Пинтеа од Ѓер и Евелина Ериксон од европскиот шампион, Вајперс Кристијансанд. Пред потпис со ЧСМ Букурешт е голманката од Ѓер и сонародничка на Заади, Лора Глосе.

ЧСМ Букурешт бидејќи не успеа да ја освои шампионската титула во Романија, ќе мора да аплицира за вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите. Во последните две сезони екипата не успеа да стигне на Ф4 турнирот во Будимпешта откако во четвртфиналните дуели беше елиминирана од ЦСКА Москва, односно Есбјерг.