Фленсбург го приземји ПИК Сегед

Претпоследното коло од групната фаза во Лигата на шампионите го отворија Фленсбург и ПИК Сегед. После големиот пресврт и победа над ПСЖ ракометарите на вицешампионот на Унгарија со многу оптимизам отпатуваа на овој дуел.

Сепак, со фантастично издание бундеслигашот го декласиреше тимот предводен од Хуан Карлос Пастор. Фленсбург го совлада ПИК Сегед со 34:26.

Натпреварот беше израмнет 20 минути, а потоа се беше во знакот на домашниот тим. Во серија погодија Јондал, Јурецки и Ване за серија од 5:0 на Фленсбург за на одмор да заминат со предност од 17:11. Голем придонес за водството имаше и Бенџмин Буриќ со своите интервенции.

Во продолжението само се продлабочи кризата на ПИК Сегед, одбраната на домаќините беше нерешлива енигма и предността се зголемуваше постојано. Во 40. минута Фленсбург стигна за прв пат до највисоко водство од девет гола, 25:16. Веќе тука беше познат победникот. До крајот на мечот формално се доигра дуелот на кој ПИК Сегед имаше катастрофално издание.

Најефикасен играч во составот на Фленсбург беше Михал Јурецки со шест погодоци, а по четири постигнаа Јепсон, Јондал и Готфритсон. Буриќ имаше 13 успешни интервенции. Во екипата на ПИК Сегед, Кањелас со пет гола беше најпрецизен, по четири постигнаа Кашпарек и Калман.