Финците не се предаваат однапред: Ќе играме против ѕвезди како Лазаров, Хансен и Шмид, но….

Македонија ги доби ривалите во квалификациите за пласман на Европското првенство 2022 година во Унгарија и Словачка.

Противници на избраниците на Данило Брестовац ќе бидат Данска, Швајцарија и Финска.

Финскиот селектор Ола Линдгрен ги коментираше ривалите во групата во која неговите ракометари ќе имаат улога на аутсајдер.

„Можевме да имаме повеќе среќа и полесна ждрепка. Но кога се наоѓате во четвртиот шешир, тогаш мора да очекувате квалитетни противници. Ние гледаме на натпреварите како предизвик да ги одмериме силите против најдобрите. Нашите ривали имаат светски ѕвезди од типот на Лазаров, Хансен и Шмид. Нема да се предаваме однапред“, вели Линдгрен.

Финска ќе гостува во првото коло во Македонија, а нашата селекција ќе биде гостин на Швајцарија во второто коло.