Фарски Острови им одржа лекција на Пасквал и Романија, Чешка убедлива против Исланд

Во денешните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија, најголемо изненадување направи селекцијата на Фарски Острови, која триумфираше против Романија со 28:26.

Фарски Острови одигра одлично во првото полувреме, целосно ја надигра романската селекција, која немаше никаков одговор за десното крило Хакун Вест Ав Тејгум и на пауза замина со активен резултат од 15:9.

Романија во вториот дел заостануваше и на седум гола разлика, но откако домашната селекција имаше водство од 19:13, избраниците на Пасквал со серија од 6:0 успеаја да израмнат на 19:19 во 40 минута.

По налетот, односно камбек на Романија, домаќините повторно дојдоа до израз и се одлепија на 23:20. Селекцијата на Романија не се предаваше, во 55 минута израмни на 25:25 и остана во игра за освојување на бодовите.

Во клучните моменти домаќините беа фокусирани, поведоа со 27:25 на речиси две минути пред крајот, додека гостите немаа повеќе сили за евентуално враќање и неизвесност.

Одлична партија во победничката репрезентација имаше Хакун Вест Ав Тејгум. Младиот ракометар, кој во следната сезона ќе настапува за Рајн Некар, промаши само еднаш, постигна 11 гола од 12 обиди. Кај Романија прв стрелец беше Михаи Тарита со шест реализации.

Изненадување направи и Чешка, која славеше против Исланд со 22:17 (12:10). Чешка во дуелот со Исланд беше предводена од одличниот голман Томас Мрква, имаше 14 интервенции, додека листата на стрелци беше предводена од Матеј Клима, Станислав Кашпарек и Вит Рајхл, кои постигнаа по четири погодоци. Кај Исланд се истакна Виго Кристијансон со седум гола.

Во останатите дуели, репрезентацијата на БиХ потешко од очекуваното го совлада Косово со 25:22 (14:10), додека Грција дојде до втор триумф во квалификациите, победи против Белгија со два гола разлика, 26:24 (13:10).