Фаворитите со лесни победи, Грузија не успеа да направи изненадување во Швајцарија

Денес освен квалификацискиот натпревар помеѓу Македонија и Луксембург, кој заврши со победа на нашата репрезентација од 38:24, се одиграа уште осум натпревари во рамки од квалификациите за пласман на ЕП 2024. Денешните натпревари минаа без ниту едно изненадување.

На прагот до сензација беше репрезентацијата на Грузија, која е предводена од новиот селектор, екс ракометарот на Вардар, Тите Каланадзе. Избраниците на Каланадзе на гостувањето кај Швајцарија беа поразени минимално 24:23 и не успеаја да освојат барем бод.

На голот на репрезентацијата на Грузија солидно издание имаше Зураб Цинцадзе. Голманот на Охрид натпреварот го заврши со 12 интервенции, додека левото крило, исто така ракометар на Охрид, Хасеин Рустамов беше стрелец на еден гол. Ракометарот на Прилеп, Мириани Гавашелишвил не успеа да се запише во листата на стрелци.

Рутинска победа остварија репрезентациите на Хрватска, Србија, Црна Гора, Чешка, Унгарија и Исланд. Хрватите во дуелот против Грција немаа никакви проблеми, дојдоа до победа, која што беше изразена со осум гола разлика, 33:25. Србија во Нови Сад ја пречека Финска и оствари убедлива победа со 34:24.

Селекторот на Србија, Тони Херона во поголемиот дел во натпреварот со Финска можеше да проба разни комбинации и варијанти, па така остварувањето на висока победа не беше во прв план, но според силите на теренот, неговите избраници целосно беа далеку поквалитетни од ракометарите на Финска.

Црна Гора во Подгорица го совлада Косово со 29:20. Црногорците беа предводени од Милош Вујовиќ со осум, а Бранко и Стефан Вујовиќ постигнаа по четири гола. На голот на Црна Гора по пауза од скоро осум месеци се врати екс голманот на Струга, Никола Матовиќ.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024 – РЕЗУЛТАТИ

МАКЕДОНИЈА – ЛУКСЕМБУРГ 38:24 (18:7)

ШВАЈЦАРИЈА – ГРУЗИЈА 24:23 (15:12)

ХРВАТСКА – ГРЦИЈА 33:25 (18:13)

СРБИЈА – ФИНСКА 34:24 (19:11)

ЦРНА ГОРА – КОСОВО 29:20 (15:9)

ЧЕШКА – ЕСТОНИЈА 31:23 (17:13)

УНГАРИЈА – ЛИТВАНИЈА 36:23 (20:13)

УКРАИНА – ФАРСКИ ОСТРОВИ 29:25 (18:14)

ИСЛАНД – ИЗРАЕЛ 36:21 (16:10)

ДАНСКА – ШПАНИЈА (ПРИЈАТЕЛСКА) 39:31 (19:16)