Фаворитите до сигурни триумфи на ЕХФ шампионатот во Италија

Денеска на програмата во рамки на младинскиот ЕХФ шампионат во Италија што се игра паралелно со тој во Македонија, беа натпревари од второто коло. Фаворитите стигнаа до планираните бодови.

Во натпревар од групата А репрезентацијата на Србија беше сигурна и оствари висока победа на Бугарија од 39:29. Во првото полувреме ракометарките на Бугарија добро се држеа и имаа само минимална негатива од 17:16, но во продолжение немаа сили и забележаа убедлив пораз.

Италија исто така беше убедлива против селекцијата на Турција и триумфираше со 37:27 после подоброто издание во вториот дел. На полувреме Италијанките имаа само гол позитива, 16:15.

Репрезентативките на Литванија во групата Б имаа лесна задача на дуелот против Израел и славеа победа со 33:17. Литванките доминираа во текот на целиот натпревар, а уште на полувреме беа на чекор до победата кога водеа 14:9.

Сите три репрезентации кои на денешните натпревари славеа победи обезбедија пласман во полуфиналето.